Полска планира да инвестира 102,4 милијарди злоти (околу 26 милијарди долари) во следните пет години во сеопфатна програма за заштита на населението и цивилната одбрана, најави полскиот премиер Доналд Туск.
Одлуката за масовно вложување доаѓа по интензивираните руски напади врз западна Украина, поради кои полските власти изминатите месеци постојано го предупредуваат населението за можните последици од евентуални воздушни напади на полска територија. Покрај воените закани, програмата има за цел да ја подготви земјата и граѓаните за справување со природни катастрофи, како што се поплавите.
Клучните приоритети на цивилната одбрана опфаќаат изградба на заштитни објекти, разни видови засолништа, обезбедување опрема за спасување и инфраструктура, како и акумулирање на неопходни резерви за кризни ситуации.
„Ќе финансираме системи за предупредување, информациски системи и безбедни комуникации меѓу институциите и службите“, посочи премиерот Туск.
