Припадници на Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во МВР утринава спроведуваат опсежна полициска акција. Истражните дејствија се одвиваат на повеќе од 10 локации на подрачјето на Скопје, Тетово и Куманово.
Истрагата опфаќа одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, кои се сомничат за повеќе тешки кривични дела. Меѓу инкриминираните дејствија се злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според првичните неофицијални сознанија, директната штета предизвикана врз државниот буџет надминува 1,5 милиони евра. Во исто време, противправно стекнатата материјална корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра, при што оштетен е и поголем број пациенти кои биле лекувани во установата.
Како првоосомничен во финансиските злоупотреби се води Ден Дончев, поранешен директор на ФЗОМ во периодот на претходната влада. Покрај него, истрагата опфаќа уште неколку поранешни и сегашни функционери и раководни лица.
Меѓу осомничените се Р.А., поранешен претседател на управниот одбор на ФЗО, В.Ќ., поранешен управител на приватната болница „Санте“, како и С.Б., поранешен сопственик и овластено лице во истата здравствена установа. Листата продолжува со С.А., сегашен управител, Г.А., поранешен директор на болницата, Ц.С., поранешен раководител на Секторот за контрола во ФЗО, Ж.С., поранешен директор на подрачната единица на ФЗО во Скопје, како и И.П., сегашен раководител на скопската подрачна единица. Деталите за исходот од претресите се очекуваат во текот на денот.
