62. жртва од пожарот во кочанската дискотека
62. жртва од пожарот во кочанската дискотека е 24-годишниот Стојанче Стефанов. Тој почина на Воено-медицинската академија во Белград каде што се лекуваше од првиот ден на несреќата и за цело време бил во критична состојба.
Познато во каква состојба бил по пожарот
Имал 27 проценти зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. на лекување во странство бил испратен од КАРИЛ.
Доктор Карталов вели дека кај некои пациенти отокот на дишните патишта се појавува подоцна и се влошува состојбата. Уште двајца повредени од пожарот кои се лекуваат во странство, се во релативно тешка здравствена состојба.
Се проширува истрагата
Истрагата, која е во тек, досега опфати над 60 физички и три правни лица. Меѓу нив има функционери, инспектори, службеници, сопственици и лица од безбедносните структури.
Како одговор на трагедијата во Кочани, беше прогласена седумдневна жалост, а настаните од областа на културата беа откажани. Ден на жалост беше прогласен и во Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Изгласани измени во Собранието
Во меѓувреме, во Собранието беа изгласани измени во Законот за јавен ред и мир, со кои се забранува употреба на пиротехнички средства во затворени простории, а се воведуваат и прекршочни глоби за прекршителите.
На 16 март во дискотеката „Пулс“ беа повредени 193 лица, а досега животот го загубија 62 лица вклучувајќи ја и последната жртва, 24-годишниот Стојанче Стефанов.
Извор: МРТ