Три шумски пожари уништиле 1.600 хектари борова шума и ниска вегетација во источна Шпанија, додека топлотните бранови ги зголемија температурите на рекордно ниво.
Стотици пожарникари се на терен и се борат со пожарите со 120 цистерни и 19 канадери во близина на градовите Балдомар, Корбера д’Ебре и Кастелар Рибера, соопшти каталонската противпожарна служба.
Повеќето напори се фокусирани на Балдомар, каде пожарот се закани на 20.000 хектари шуми и земјоделско земјиште. Евакуирани се некои изолирани куќи, како и детски центар со 54 малолетници.
Нема извештаи за загинати или повредени.
Големи делови од земјата се соочуваат со екстремен ризик од шумски пожари, соопшти државната метеоролошка агенција АЕМЕТ.
До 5 јуни, изгорената површина во Шпанија била за 34 отсто помалку отколку во истиот период во 2021 година и најмалку од 2018 година. Минатата недела, пак, комбинација од топлото време, ветровите и невремето предизвикаа пожари низ целата земја.
Жестоки температури ја погодија Шпанија кон крајот на минатата недела, во најраниот топлотен удар од 1981 година, со температури над 40 степени Целзиусови во многу делови од земјата. Ноќните температури се исто така невообичаено високи, меѓу 20 и 25 Целзиусови степени.