Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, сведочи дека разговорите за иднината на земјата и можноста за распад на Југославија започнале многу пред прогласувањето на независноста во 1991 година.
Во сведоштво за 4ТВ, Гоцевски зборува за средбите со тогашниот висок југословенски функционер Киро Глигоров и генералот Михајло Апостолски. Според неговите сеќавања, уште на почетокот на 1987 година Глигоров бил загрижен за состојбите во Белград и предупредувал дека ситуацијата станува сериозна.
„Горе не оди како што треба“, се присетува Гоцевски дека му рекол Глигоров, посочувајќи дека Македонија треба да има подготвени луѓе и план доколку дојде до распад на Југославија.
Според Гоцевски, тоа бил првиотпат кога од висок југословенски функционер директно слушнал размислување за можноста Македонија еден ден да мора да тргне по сопствен пат.
Во разговорите учествувал и генералот Михајло Апостолски, кој, според сведоштвото на Гоцевски, го предупредувал Глигоров дека треба да биде внимателен поради активностите на југословенските безбедносни служби.
„Службите сè уште функционираат“, се присетува Гоцевски дека му било кажано на Глигоров.
Тој оценува дека ваквите разговори биле дел од поширок процес во кој македонски интелектуалци, политичари, професори, дипломати и воени лица почнале уште во 1980-тите да размислуваат за можните последици од распадот на Југославија и за иднината на Македонија.
Извор: 4news.mk
