Нов зелен симбол на Карпош и Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави голем еколошки проект – изградба на Мега парк кај реката Лепенец, кој треба да стане новата зелена оаза на градот. „Просторот покрај реката Лепенец, кој со години беше запоставен, ќе го претвориме во современ парк по европски стандарди“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Паркот ќе се простира на над 300.000 квадратни метри по должината на Лепенец – од Бардовци до Даме Груев – и ќе биде првиот мегапарк што ги поврзува повеќе скопски општини. Проектот вклучува пешачки и велосипедски патеки, зелени коридори и зони за спорт и рекреација.

Визија за зелено и модерно Скопје

„Нашата визија е Скопје да стане град на зеленилото и урбаната поврзаност“, истакна Ѓорѓиевски. Освен паркот кај Лепенец, најавени се и други големи зелени проекти:

  • Мега парк Вардариште, кој ќе ја претвори поранешната депонија во пример за еколошка рекултивација;

  • Градска шума „Расадник“ во Кисела Вода, најголем зелен проект во урбано подрачје;

  • Мега парк долж булевар „Христијан Тодоровски Карпош“;

  • Зелен коридор во Бутел и проектот „Скопски зелен архипелаг“ со 50 нови маалски паркови. Ѓорѓиевски најави и целосна обнова на Градскиот парк и Паркот на природата Гази Баба.

Инфраструктурни приоритети за Карпош

Покрај зелените проекти, тој посочи дека доизградбата на булевар „Љубљанска“ е меѓу клучните инфраструктурни приоритети. Со тоа ќе се воспостави подобра сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје и ќе се растовари метежот на главните булевари.

Најавено е и завршување на клучката „Момин поток“, реконструкција на улицата „Загребска“ и воспоставување на нов сообраќаен пристап кон Бардовци.

„Со овие проекти создаваме град каде зеленилото, мобилноста и квалитетот на живот одат рака под рака“, порача Ѓорѓиевски.