Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека веќе имал состанок со претставници на Финансиската полиција, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера побара од него да пријави доколку располага со докази за злоупотреби во градските јавни претпријатија.

Ѓорѓиевски изјави за МТВ1 дека не може да открива детали во интерес на истрагата, но нагласи дека стои зад сите информации што досега ги обелодени во јавноста. Тој потсети дека од списоците на вработени биле избришани околу 500 лица кои земале плата без да доаѓаат на работа, што, како што рече, претставува сериозно кршење на Законот за работни односи и на работната дисциплина.

„Станува збор за луѓе кои не биле ангажирани на реални работни задачи, туку им било дозволено да ја злоупотребуваат институцијата. Градот се доведе во ситуација да губи по пет милиони евра годишно, што за четири години изнесува околу 20 милиони евра – колку што чини новиот Луна Парк, кој го чекаат генерации скопјани“, рече тој.

Градоначалникот посочи дека на средбите со надлежните побарал не само индивидуална, туку и командна одговорност – односно, освен лицата кои земале плата без работа, да одговараат и оние кои ги потпишувале нивните исплати и директорите што го одобрувале таквото постапување.