Кандидатот за градоначалник вети дека прво ќе се справи со нечистотијата и нефункционалноста на службите

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека неговиот прв потег доколку ја добие довербата од граѓаните ќе биде голема генералка на главниот град.

Тој во гостувањето на Канал 5 телевизија изјави дека ќе се фокусира на реорганизација на Комуналната хигиена, која, според него, долго време е нефункционална и не ја исполнува задачата.

-Она што ги тишти граѓаните години наназад е нефункционалноста на Комуналната хигиена. Прво со што ќе се зафатам е да направам реорганизација во Комуналното претпријатие и една голема генералка на главниот град. Изминативе четири години како прв човек на Кисела Вода мислам дека покажав дека работите можат поинаку да изгледаат. Решивме многу проблеми кои ги имаат граѓаните – изјави Ѓорѓиевски.

На прашањето дали ова е само уште едно во низата празни ветувања, како што тоа било случај со бројни политичари во минатото, Ѓорѓиевски одговори дека за него најважно е образот да остане чист.

-Кога ќе заврши сè поврзано со политиката да можам со гордо крената глава да шетам меѓу сограѓаните. Нема ништо подрагоцено од тоа – дециден беше Ѓорѓиевски.