Поделбите се минато – целта на Ѓорѓиевски е да биде градоначалник на сите скопјани
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, од митингот во Сарај порача дека неговата цел е да биде градоначалник на сите скопјани, без поделби и исклучувања.
„Мојата цел е едноставна, да бидам градоначалник на сите скопјани. Градоначалник кој ќе работи подеднакво за секој човек, со секоја општина, во секое маало,“ истакна Ѓорѓиевски.
Обединето Скопје наместо поделено општество
Тој нагласи дека за него градот не смее да се дели по етничка, верска или партиска основа.
„Поделбите се алатка на слабите политичари, тие се минато и не влечат надолу. Нашата заедничка иднина и иднината на нашите деца е многу поважна од секоја разлика меѓу нас. Затоа мојата подадена рака е кон сите. Да се обединиме околу една заедничка цел – да изградиме развиено, европско и функционално Скопје. Град во кој сите ќе се чувствуваме достоинствено, безбедно и рамноправно,“ порача тој.
Ѓорѓиевски додаде дека неговиот модел на работа ќе биде отворен и насочен кон граѓаните, а секое решение ќе произлегува од реалните потреби на луѓето.
Инвестиции во Сарај, Матка и културата на сите заедници
Како дел од својата програма, Ѓорѓиевски најави инвестиции во природните убавини на Сарај, кои ќе се заштитат и направат достапни за сите.
Меѓу најавените проекти се изградба на современа пешачка и велосипедска патека, како и решавање на деценискиот проблем со Матка преку изградба на монтажен паркинг што ќе го намали сообраќајниот хаос и ќе овозможи развој на туризмот.
„Ќе инвестираме и во културата на сите заедници. Скопје мора да биде град кој ги спојува луѓето, не да ги дели,“ додаде Ѓорѓиевски.