Божиќ како време за слога, љубов и човечност
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати божиќна честитка до граѓаните, нагласувајќи дека Божиќ е празник кој тивко ги собира луѓето околу највредното – семејството, слогата и меѓусебната поддршка.
„Христос се роди! Божиќ е празникот што тивко нè собира околу највредното, семејството. Тој нè потсетува колку е света слогата меѓу најблиските, колку е важно да стоиме еден покрај друг, да се држиме заедно и безрезервно да си бидеме поддршка, и во радост и во искушенија“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој порача дека Божиќ е и празник на надежта, љубовта и животот, ден кога срцата се отвораат, а добрината станува најсилна порака меѓу луѓето.
„Божиќ е и најрадосниот празник, празник на Христовото раѓање, празник на животот, надежта и љубовта. Ден кога срцата се отвораат, а добрината станува наша најсилна порака“, наведе градоначалникот.
Присуство на литургија и порака за единство
Ѓорѓиевски информираше дека денеска присуствувал на Божествената литургија во Соборниот храм, со која чиноначалствувал поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
„Молитвата, заедништвото и духовниот мир уште еднаш нè потсетија на силата на верата и значењето на единството“, истакна тој.
Желби за мир, здравје и сплотеност во секој дом
Во пораката, градоначалникот упати желби за љубов, здравје, мир и благосостојба во секој дом, повикувајќи на човечност, простување и меѓусебна почит.
„Посакувам во секој дом да има многу љубов и здравје, мир, среќа и бериќет. Нека секој нов ден биде благословен со успеси, спокој и вера во подобро утре. Да бидеме добри луѓе, со чисто срце, со разбирање и почит еден кон друг. Да простуваме полесно, да сакаме повеќе и да не заборавиме дека вистинската сила се раѓа во добрината и човечноста“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој порача дека сплотеноста и топлината во семејството се темелот што им помага на луѓето да ги надминат сите предизвици.
„Да останеме сплотени, со меѓусебно разбирање и топлина во семејството, затоа што токму тоа е темелот што нè носи низ сите препреки и предизвици на нашите животни патеки. Нека светлината на Христовото раѓање ги осветли нашите домови и срца. Честит Божиќ. За многу години!“, порача градоначалникот на Скопје.
