Инвестиции за нов лик на Шуто Оризари
„Денес сме во Шуто Оризари – уште една скопска општина која е дел од нашата визија за современо и рамномерно развиено Скопје“, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека се предвидени повеќе капитални инвестиции за подобрување на локалната инфраструктура, создавање јавен простор и поттикнување спортски, културен и социјален развој.
Меѓу најзначајните проекти е изградбата на нов фудбалски стадион со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални и осветлување, кој ќе стане место за спорт, натпревари и општествени настани.
Обнова на спортскиот центар и нов културен дом „Есма Реџепова“
Ѓорѓиевски најави и целосна реконструкција на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, кој ќе добие нови терени, зелени површини и урбана опрема.
„Центарот повторно ќе стане средиште на спортот, рекреацијата и активниот живот во овој дел од градот“, рече тој.
Покрај спортската инфраструктура, ќе се гради и нов Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично, кој ќе биде современ простор за театар, концерти, изложби и младински активности. Ѓорѓиевски нагласи дека овој објект ќе биде симбол на заедништвото и културната енергија на Шуто Оризари, како и почит кон легендарната Есма Реџепова.
Социјални мерки и еднаков развој
Во рамките на проектот „Скопје – град кој се грижи за сите“, Ѓорѓиевски најави пакет социјални мерки за поддршка на граѓаните во социјален ризик. Програмата предвидува финансиска и психосоцијална помош, хуманитарни пакети, како и програми за образование, преквалификација и ресоцијализација на бездомници.
„Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина,“ порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека овие инвестиции се дел од интегрираната визија за град што создава можности за сите.