Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека дадена била насока до директорот на ЈП „Градски паркинг”, во општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната D12, дека останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно.
„Ова правило останува да важи за цел Аеродром! Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право! Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
„Со ова, ќе се обезбедат вкупно 2719 паркинг места кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем. Истовремено, правиме чекор напред и во дигитализацијата. Од 01.04.2026 година, граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи“, посочи градоначалникот.
Дополнително, додава тој, овозможено е и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите.
