Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски го презентираше едногодишниот отчет за сработеното оценувајќи дека во изминатите 12 месеци градската администрација успеала да ја стабилизира финансиската состојба, да ги деблокира клучните проекти и да започне нов инвестициски циклус во инфраструктурата, јавниот превоз и животната средина.
Ѓорѓиевски посочи дека при преземањето на функцијата биле наследени речиси 300 милиони евра долг, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе заглавени капитални проекти.
Според него, во првата година од мандатот тековните обврски на Град Скопје се намалени за 322 милиони денари, а дополнително се сервисирани обврски во износ од 743 милиони денари по основ на кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и други преземени активности.

Ѓорѓиевски информираше дека значително се намалени и обврските на јавните претпријатија. Најголемо намалување е регистрирано во ЈП „Водовод и канализација“, каде долгот е намален за 1,66 милијарди денари, додека кај ЈСП за 634 милиони денари. Намалени се и долговите на „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Градски паркинзи“ и „Улици и патишта“.
Во областа на инфраструктурата, Ѓорѓиевски нагласи дека се реализираат повеќе капитални проекти, меѓу кои завршната фаза на реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, изградбата на клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“, новиот мост што ги поврзува „Љубљанска“ и „Скупи“, како и завршувањето на пристапните сообраќајници кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“.
Како дел од инвестициите во патната инфраструктура, во изминатиот период реконструирани се повеќе улици и сообраќајници во општините Гази Баба, Аеродром, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, а поставени се и околу 2.000 заштитни столпчиња за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Ѓорѓиевски соопшти дека е деблокирана и изградбата на прочистителната станица во Трубарево, која е реализирана повеќе од 40 проценти. Проектот, според Ѓорѓиевски, ќе претставува најголема еколошка инвестиција во државата и ќе придонесе за подобра заштита на реката Вардар и животната средина.
Во делот на јавниот превоз, тој информираше дека се отстранети пречките за реализација на БРТ-системот, а од септември во функција е градскиот воз и железничката линија на релација Зелениково – Скопје. Најави и набавка на 100 нови еколошки автобуси за градскиот превоз.

Според Ѓорѓиевски ЈСП во првите шест месеци од годинава остварило заштеда од околу половина милион евра за гориво во споредба со истиот период лани, и покрај зголемениот број возила во сообраќајот.
Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата со комуналната хигиена посочувајќи дека во тек е најголемата набавка на контејнери во последните децении, односно вкупно 3.300 нови садови за отпад, како и специјализирани возила за одржување на чистотата.
Најави дека просторот на поранешната депонија Вардариште ќе биде трансформиран во мегапарк со површина од околу 600.000 квадратни метри, а паралелно се реализираат активности за подигнување ново зеленило, зелени коридори и нови паркови во повеќе скопски општини.
Ѓорѓиевски информираше дека се обезбедени се средства за изградба на нова противпожарна станица во Аеродром, набавено е специјализирано противпожарно возило, а вложувања се реализираат и во образованието преку современи училишни кабинети и лаборатории.
Тој оцени дека првата година од мандатот била насочена кон стабилизација на состојбите и поставување основа за понатамошен развој на градот.
-Пред една година побарав да верувате дека можеме. Денес ви ги претставувам делата со кои ја оправдуваме таа верба. Ќе продолжиме со уште поголема решителност сè додека промената не стигне до секое скопско маало – изјави Ѓорѓиевски.
Најави и нов циклус капитални инвестиции, меѓу кои изградба на мост и сообраќајница меѓу Ѓорче Петров и Сарај, булеварот „Хасан Приштина“ и нов мост преку Вардар што ќе ги поврзе Ново Лисиче и Маџари.
На полето на дигитализацијата, Ѓорѓиевски ја истакна посовремената администрација и услови во Градот преку електронска достава и плаќање на данок на имот и откри дека изработуваат дигитална реплика на Скопје за полесно и подобро планирање и одлучување на градот, како и дека е промовирана и алатка „ЕкоСкопје“ за електорнско пријавување и следење на пријавите за еколошки проблеми.
До крајот на мандатот, Ѓорѓиевски рече дека Скопје ќе добие прва подземна улица.
Овие резултати се плод на заедничка работа, рече Ѓорѓиевски, и заеднчка одговорност да продолжиме.
-Еден ден кога ќе погледнеме назад сакам да може со чист образ да кажеме дека кога Скопје имаше потреба од нас, ја преземавме одговорноста, ги донесовме тешките одлуки и ја завршивме заеднички работат. И оставибме град посилен од она што го затекнавме. Тоа е мерката за успехот што ја прифаќам пред Вас – порача Ѓорѓиевски.
Пред само една година започнавме, а денеска промените се гледаат, во годините што следуваат тие мора да стигнат до секое наше скопско маало. -Ќе го исполниме ветенот, ќе го изградиме најдоборото за Скопје, што со гордост ќе им го оставиме на нашите деца. За Скопје, за скопјани и за Македоија – нагласи Ѓорѓиевски.
