Ѓорѓиевски смета дека со развојна стратегија за Скопје, граѓаните ќе добиваат навремени и квалитетни услуги од јавните претпријатија
Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на град Скопје на претстојните локални избори, беше гостин во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија. Тој се осврна на ситуацијата со пожарите во земјава и истакна дека има доверба во институциите што се надлежни за справување со оваа криза. Зборуваше и за развојна стратегија за Скопје.
„Многу одговорно на територија на Скопје Противпожарната бригада ја врши и совесно својата работа. Одговараат навремено на ваква појава, и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите моментов, и верувам дека правдата ќе излезе на виделина“, рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека програмата за Град Скопје мора да произлегува од реалните потреби и проблеми на граѓаните. За да се овозможи задоволување на елементарните услови за нормално функционирање.
Се осврна и на своите теренски посети низ скопските општини. Посочи дека, според него, програмата треба да се креира врз основа на предлози и идеи кои доаѓаат директно од граѓаните.
„Започнавме една фаза каде што имам средби со граѓаните и прибираме идеи за креирањето на програмата, заедно со граѓаните. Според мене е единствен правилен начин да креирате програма, е кога ќе ги слушнете, изворно од нив ќе потекнуваат идеите и предлозите“, рече Ѓорѓиевски.
Го спомена и проблемот со работењето на јавните градски претпријатија, конкретно ЈСП и ЈП за комунална хигиена. Истакна дека мора да се воведе долгорочно планирање на процесите и системите.
„Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП Скопје и нефункционалноста на истото. Она што треба ние да го промениме , е да има состојба на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за комунална хигиена“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека програмата за Скопје ќе биде темелно изработена и ќе вклучува конкретни рокови и обврски. Ќе содржи решенија за најгорливите проблеми со кои се соочуваат скопјани.
„Ќе има развојна стратегија, според која што ќе има постојано обновување на возниот парк. Многу е важно да имаме сериозен пристап на долг рок. Сега сме во фаза на изготвување на програмата, која што ќе биде темелно изработена, ќе биде прецизно со рокови и ќе ги содржи решенијата за најгорливите проблеми. Особен фокус ќе има тоа што значи задоволување на елементарните услови за функционирање на нашите сограѓани“, заклучи Ѓорѓиевски.