Денес со тешко срце се сеќаваме на нашите 7.144 сограѓани македонски Евреи, кои на овој ден беа насилно одземени од своите домови, од своите семејства и од своето Скопје, испратени кон сигурна смрт во логорот Треблинка, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Ова е болка што сè уште живее во сеќавањето на нашиот град. Тие беа наши соседи, пријатели, еснафи – луѓе што со својата работа, култура и дух го градеа животот на Скопје. Еден ден исчезнаа, а зад нив остана тишина што трае со децении“, вели градоначалникот.
Тој додава дека трагедијата на Холокаустот е вечна опомена за човештвото и доказ колку ниско може да падне човекот кога омразата ќе стане идеологија, а злото политика.
„Затоа нашата должност е да паметиме. Да ја чуваме вистината.И никогаш да не дозволиме темнината повторно да се врати.Скопје никогаш нема да ги заборави своите сограѓани. Нека е вечен споменот на жртвите“, напиша Ѓорѓиевски.
