Акцијата за чистење ќе стане секојдневна обврска

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје, најави дека започнатата акција за генерално чистење нема да биде краткотрајна, туку ќе продолжи континуирано. „Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Започнавме генералка за чистење и тоа ќе продолжи секој ден“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека оваа иницијатива не е маркетинг, туку должност кон граѓаните.

Фокус на екологија, јавен превоз и урбан развој

Ѓорѓиевски истакна дека новата градска управа ќе се насочи кон еколошките политики, чист воздух и повеќе зелени површини. Најави набавка на нови автобуси, модернизација на јавниот превоз, како и подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Во делот на урбанизацијата нагласи дека нема да дозволи хаотичен развој, туку плански пристап кој ќе ги штити јавните простори.

Повикување на соработка и транспарентност

Градоначалникот порача дека Советот има историска задача – да го насочи Скопје кон стабилен и одржлив развој. „Кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред сè, резултатите се трајни“, рече тој. Ѓорѓиевски најави дека транспарентноста ќе биде врвен приоритет и дека граѓаните ќе знаат како се троши секој денар од буџетот.