На Саем-Отчет, Ѓорѓиевски истакна дека за прв пат во историјата на Македонија се инвестира подеднакво во сите општини, со изградба на училишта, градинки, спортски објекти и патна инфраструктура
На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, имаше свое обраќање. Тој истакна дека сега, за прв пат во историјата постои значителна разлика од минатото. Кога општините не добивале поддршка од централната власт за капитални проекти. Со промената на власта инвестициите сега се реализираат подеднакво во сите општини, без поделба.
„Како што кажа министерот Перински, 1200 проекти се проекти кои содржат техничка документација што во најголем дел беше изработена години наназад, но поради немање на финансии општините не можеа да ги реализираат. Ова е проект кој наиде на позитивни реакции кај сите граѓани. За прв пат во историјата на Република Македонија, 30 години наназад општините не се делат, инвестициите стигаат до секое населено место, и за прв пат во историјата на државата наеднаш се градат толку многу училишта, градинки, спортски објекти и патна инфраструктура како никогаш досега“, рече Ѓорѓиевски.
Тој дополнително истакна дека проектот е значаен бидејќи се инвестира во сите општини. При што секој градоначалник според потребите на граѓаните ги насочува средствата во својата општина.
„Сметам дека ова е проектот кој недостасуваше 30-тина години во Македонија. Се надевам дека овој проект ќе продолжи и понатаму и сериозно ќе ја градиме и менуваме државата како што тоа го правиме во моментов сега“, заклучи Ѓорѓиевски.