Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека се направени финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимизацијата на проектот за Брз автобуски превоз – БРТ.

Тој остварил работна средба со тимот на Европската банка за обнова и развој во Македонија, предводен од директорот Фатих Туркменоглу, на која присуствувале и Билјана Милошеска и Даница Пишева Исајловска.

Проектот бил деблокиран по повеќегодишен застој

Според Ѓорѓиевски, целта е Скопје да добие модерен, брз, безбеден и еколошки јавен превоз, создаден во согласност со современите европски стандарди и реалните потреби на граѓаните.

Тој истакна дека по преземањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и останатите надлежни институции, бил деблокиран проектот кој со години бил во застој.

Како што наведе, отстранети се пречките и создадени се услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација.

БРТ нема да се реализира на сметка на зеленилото

Ѓорѓиевски нагласи дека станува збор за стратешка инвестиција која треба да овозможи побрзо движење низ градот, поголема безбедност, намален сообраќаен метеж, почист воздух и поквалитетно секојдневие за скопјани.

Тој посочи дека БРТ нема да се реализира на сметка на булеварското зеленило, со цел, како што рече, да не се создаваат дилеми и да не се шират дезинформации во јавноста.

Напротив, според најавите, предвидено е дополнително зеленило и создавање нови зелени површини. Со реализацијата на проектот, покрај модернизацијата на јавниот превоз, целта е Скопје да стане позелен, почист и похуман град.

Паралелно се работи на градски воз и нови автобуси

Градоначалникот истакна дека БРТ е само еден сегмент од пошироката визија за целосна модернизација на јавниот транспорт во Скопје.

Паралелно, со Министерството за транспорт се работи на воведување градски воз, при што Министерството е носител на проектот. Во тек е и постапката за набавка на 100 нови автобуси преку Владата, како и оптимизација на мрежата на автобуски линии.

Според Ѓорѓиевски, целта е создавање интегриран, функционален и современ систем на урбана мобилност, каков што Скопје одамна заслужува.

„БРТ станува реалност. Скопје се движи напред“, порача Ѓорѓиевски.