Регулаторната комисија за енергетика вчера донесе одлука со која од полноќ драстично се зголемија цените на нафтените деривати.
Според одлуката на РКЕ од полноќ, бензините поскапеа за 5,50 денари/литар, а дизелот за 10,00 денари/литар.
Ова се новите цени на горивата кои важат од полноќ:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 89,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 91,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,319 (денари/килограм)
Од РКЕ вчера посочија дека ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.
– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вчера претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информирала и Владата и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните.
Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.
– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.
Потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска вчера во дневникот на Сител истакна дека ваквата одлука дефинитивно ова го нарушува животниот стандард на граѓаните, но вели загрижува и фактот дека овие трошоци ќе се прелеат на крајните производи кои ги користиме, пред се на исхраната.
– Состојбата ќе станува подраматична и неслучајно еден од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ беше намалување на акцизата на нафтата и нафтените деривати за 50%. Секој еден економист ова можеше да го предвиди и да види дека ќе дојде ваква состојба. Во вакви услови власта требаше да размисли како да ги заштити граѓаните, рече Димитриеска Кочоска.