Град Скопје и Општина Аеродром го одложуваат воведувањето на новите зони

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје, по насоки од Град Скопје и Општина Аеродром, ги извести граѓаните дека почетокот на зонското паркирање во зона Д12 – Реонски Центар, предвиден за 1 април 2026 година, се пролонгира. Причината е комплетирање на сите неопходни активности и усогласување со сообраќајниот проект за новата зона Д11 – Ново Лисиче.

Пролонгирањето подразбира поставување на целосна вертикална и хоризонтална сигнализација, како и целосна подготовка за да воведувањето на зонското паркирање биде правично и паралелно за двете суб-зони, без прелевање на проблемите од една во друга зона.

„Се надеваме дека во текот на месец мај, 2026, ќе се отпочне со реализација на зонско паркирање во двете суб зони Д11 и Д12. Истовремено, го одлужуваме процесот за прибирање на потребната документација од заинтересираните корисници за паркирање“, велат од јавното претпријатие.

Со оваа мерка се стреми да се обезбеди комплетна и правична имплементација на зонското паркирање за граѓаните на Скопје, со цел да се минимизираат проблемите со паркирањето и да се почитуваат сите потребни процедури.