Концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажа како успешен. Овој концепт ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства од што досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена, велат од Град Скопје.
-Како компарација ќе наведеме дека само за 2020 година биле планирани околу 140 илјади евра за настап на две групи, една од Косово и една од земјава. Претходната 2019 со Дино Мерлин се потрошени над 154 илјади евра средства од градскиот буџет под сомнителни околности за што веќе Комисијата за справување со корупција има отворено случај за злоупотреби.
Оваа година токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и лошото планирање, Градот Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ. Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании што се понудија да ја организираат манифестацијата.
Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад.
Изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не се ангажирани од Град Скопје.
Ги повикуваме советниците на СДСМ од Град Скопје да престанат со континуираните секојдневни напади и политички пресметки и наместо да се занимаваат со конструкции и шпекулации, за настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот да ја насочат својата енергија кон конструктивни идеи за проекти што ќе значат подобар живот на скопјани, реагират од Градот.