Вчера, Град Скопје објави оглас за избор на директор Јавната установа Младински културен центар (МКЦ) – Скопје. На огласот, критериумите не се строги – се бара кандидатот да е македонски државјанин, за него да нема судска пресуда за забрана за вршење на должност, да има минимум 5 години стаж во областа на културата (или проекти во областа на културата) и меѓународно уверение/сертификат за познавање англиски јазик.

Дел од именувањата на Арсовска предизвикаа дебати во јавноста, а беше покрената и иницијатива за кривично гонење, токму за позицијата за која сега е распишан оглас – директор на МКЦ. Па така, во јули годинава, Антикорупциската комисија констатираше дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, спротивно на законот ги именувала в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и на Зоолошката градина.

Антикорупционерите донесоа одлука за поведување кривична постапка оти таа го прекршила законот со тоа што именувала за раководно лице кое не било вработено во јавната установа, спротивно на чл. 31 од Законот за култура. Стануваше збор за решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на Младинскиот културен центар. И Управниот суд претходно донесе одлука Арсовска да го поништи решението.

Вкупно 36 директори сменила градоначалничката Данела Арсовска во 16 институции кои се под ингеренција на Град Скопје, покажуваат податоците кои Мета.мк ги доби користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Арсовска ја презеде градоначалничката позиција во ноември 2021 година, односно таа е на функција 22 месеци. Ова практично значи дека најмалку по едно претпријатие или установа месечно останувала без раководното место, а на негово место доаѓал друг.

Најмногу директори, дури четворица, се сменети во Градски паркинг, а по тројца директори биле сменети во Улици и патишта, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација, откако Арсовска е на челната позиција во главниот град.

Извор: Nezavisen.mk.