Мицкоски: Градежната офанзива во инфраструктурата е четирипати поинтензивна од лани
Првите 40 километри од автопатот Кичево–Охрид ќе бидат пуштени во сообраќај до 10 јули, а експресната делница Дреново–Фариш од патот Градско–Прилеп се очекува да биде завршена до крајот на месецов, најави премиерот Христијан Мицкоски при посета на Битола.
„Ќе доцниме две недели од најавата што ја дадовме пред една година. Делницата од Врбјани до Охрид ќе биде пуштена, со исклучок на свлечиштето кај Ботун кое се санира“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека се работи интензивно, а 40 километри ќе бидат ставени во функција до јули.
Во однос на целосната изградба, премиерот посочи дека сè е поставено за патот да биде целосно готов до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година.
Автопат Прилеп-Битола, Гостивар-Буковчани и делници во реализација
На автопатот Прилеп-Битола, според Мицкоски, до крајот на месецов ќе се решат имотно-правните прашања за над 80% од трасата. Веќе е отворен фронт за работа од 20 километри.
За Гостивар-Буковчани, премиерот рече дека веќе се готови носачите кон Стража, трасата е пробиена. Исто така надминат е проблемот со археолошките локалитети.
„Очекувам тука исклучително голема реализација“, додаде Мицкоски.
Работите се движат напред и на Тетово-Гостивар, каде е отворен фронт од 10 до 15 километри, додека проектот Букојчани-Кичево е во фаза на претквалификација.
Динамиката четирипати повисока од лани, се очекува осумпати зголемување
„Во првите четири месеци од годинава реализацијата е четирипати поголема од лани, а очекувам осумпати повисока реализација во вториот и третиот квартал“, потенцираше Мицкоски, кој најави и 1.200 нови градилишта низ општините со помош на владините повици.
Надзор: Интензивни работи на автопатот Кичево–Охрид и пристапни патишта
Според надзорот спроведен на 14 и 15 јуни од вицепремиерот Александар Николоски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски, градежните работи на автопатот Кичево–Охрид се одвиваат со силен интензитет и во согласност со новиот динамички план. Прочитајте повеќе.
ЈПДП извести дека е забрзана изградбата на пристапните патишта на делниците: Врбјани–Сливово, Сливово–Арбиново, Арбиново–Издеглавје, Издеглавје–Песочани, Песочани–Ново Село, Ново Село–Ботун, како и кон селата Горенци и Оровник.
Во тек е последната фаза пред асфалтирање на клучките Арбиново и Издеглавје, а се поставуваат жичани и еластични огради. Кај Климештани десната страна е веќе пуштена под привремен режим на сообраќај. Работи се и на клучката Требеништа, како и на натпатникот кај Св. Еразмо, потпорни ѕидови и инфраструктура за фекална и атмосферска мрежа.
Извор: Денешен