Комисијата за односи со верските заедници одговори на негативните реакции од политичкиот блок на Албанците, како и од градоначалникот на Тетово и мнозинството на Советот во таа општина за 15-метарскиот крст на Попова Шапка. Комисијата во своето соопштение апелира Општина Тетово да избегнува селективен однос кон верските симболи.

Комисијата ја нагласува важноста на будноста, воздржаноста и мудроста во управувањето со институциите за изградба на хармонично мултикултурно општество. Тие нагласуваат дека таквото општество не подразбира ексклузивност на која било култура, туку соживот и почитување на различностите. Комисијата останува посветена на одржување добри меѓуверски односи и повикува политиката и нејзините поврзани интереси да се воздржат од мешање во меѓучовечките односи.

Во однос на изградбата профани и  на верските објекти, како и поставувањето на нивните обележја на туристичкиот центар Попова Шапка, Комисијата се повикува на неселективната и принципиелна позиција на општина Тетово.

Покрај официјалното соопштение, својот личен став преку Фејсбук го искажа и претседателот на комисијата Даријан Сотировски. Тој посочи дека крстот е поставен на манастирскиот имот и праша дали имало дозвола за такво поставување на кое било друго место во државата. Сотировски го покрена и прашањето за многубројните профани и свети објекти изградени на државно земјиште на Попова Шапка и праша зошто Советот не свикал вонредна седница за ниту еден од нив.

„За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали каде било во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“?

Во меѓувреме, политичките партии на Албанците излегоа со негативни реакции и меѓусебни обвинувања за наводен таен договор во кој се вклучени Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој е еден од лидерите на Европската унија за промени, ја повика МПЦ-ОА да го тргне крстот од планината.

Извор: Mkd