Инцидент пред полициска станица додека вршела увид на дивоградба
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска била физички нападната на улицата Кумбара во скопската општина Чаир, додека извршувала работни задачи, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР). Инцидентот се случил околу 12:15 часот, а случајот бил пријавен од лице по иницијали А.Ј. во СВР Скопје.
СДК пренесува дека според пријавата, Арсовска била физички нападната, а повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. По нападот, таа одбила да поднесе кривична пријава и се упатила во Градската општа болница „8 Септември“ за лекарска помош.
Прегледана со контузии од удари, видна вознемиреност
Од Ургентниот центар при ГОБ „8 Септември“ информираат дека Арсовска била примена видно вознемирена и со повреди на телото како последица од удари со клоци и тупаници. Прегледана е од страна на специјалисти. Ѝ се укажува соодветна медицинска помош.
Кабинетот: Нападната од група од околу 30 лица пред полициска станица
Од Кабинетот на градоначалничката велат дека инцидентот се случил додека Арсовска вршела увид на локација каде што е изградена дивоградба на Бит Пазар, спроти Полициската станица Чаир. Според изјавите на вработени во Град Скопје, нападот бил извршен од група од околу 30 лица. Нападот се случил токму пред полициска станица, иако дивоградбата претходно била повеќепати пријавена кај надлежните институции.
Кабинетот најави дека Арсовска ќе даде изјава за јавноста веднаш по излегувањето од Ургентниот центар.