Пратеничката Дафина Стојаноска вели дека за Скопје е потребен градоначалник како Орце Ѓорѓиевски

Пратеничката, Дафина Стојаноска, во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 го кажа својот став за кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Таа посочи дека За Скопје е потребен градоначалник токму како него.

„Во однос на нашиот кандидат Орце Ѓорѓиевски, сметам дека тоа навистина е профил на личност којашто му е потреба на Градот Скопје, бидејќи изминативе четири години како е градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски е веќе симбол на работа, посветеност, на постојан контакт со граѓаните, на реформи коишто се навистина случени во Кисела Вода. Таму нема жител којшто не е задоволен од она што Орце Ѓорѓиевски како градоначалник на оваа општина го покажа“, истакна Стојаноска.

Таа истакна дека градоначалник како кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е профил на личност која му е потребна на Град Скопје.

„Имавме партиски анкети, што телефонски, што теренски, кои сите доведоа до официјално назначување на Орце Ѓорѓиевски за кандидат. Тој е постојан работник, секогаш на терен и достапен за сите. Мислам дека ќе направи буквален препород за Скопје. Градоначалник како кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе нема противкандидат кој може да ја загрози неговата убедлива победа уште во првиот круг“, рече Стојаноска.

Во однос на прашањето за обединување, пратеничката рече:

„ВМРО-ДПМНЕ како партија уште пред една година повикуваше на обединување, но прашањето е кој е ставот од другата страна и со кого треба да се обединиме. Венко Филипче на Националниот Совет за евроинтеграции вчера изјави дека тоа било најдоброто решение за Македонија. Тој за ваквиот став се консултирал со Маричиќ, Димитров и Бујар Османи – оние кои ни нанесоа најголеми штети како држава. Прашањето е со кого да се обединиме? Со Филипче, кој е дејуре лидер на опозицијата, но де факто најголемиот бугарски ас на македонската политичка сцена“, рече Стојаноска.