Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко изјави денеска за Би Би Си дека во центарот на градот се водат улични борби, што, според него, ги попречува напорите за извлекување на неколку стотици луѓе кои се блокирани во подрумот на театарот, за што украинските власти тврдат дека Русија го бомбардирала во средата.

Тој за британската медиумска куќа истакна дека специјални тимови можат да ги расчистат урнатините и да ги заштитат луѓето само ако прекинат борбите.

– Има тенкови, гранатирања, се пука од разни видови оружје. Нашите сили прават се што можат за да ја задржат својата позиција во градот, но непријателските сили се побројни од нашите, за жал, рече Бојченко.

Тој не можеше да процени колку луѓе успеале да побегнат од таа област во претходните 24 часа.

– Украинските власти не забележале дека има значително поместување на границите на одвојување меѓу украинските и руските сили, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.

Во онлајн обраќањето тој нагласи дека се водат борби во Мариупол, Николаев, Керсон и Изум, каде руската армија е во офанзива.