Стојан Николов осомничен за злоупотреба на јавни пари
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Росоман, Стојан Николов, поради сериозни злоупотреби со јавни средства и фалсификување службени документи. Пријавата ја опфаќа неговата активност во периодот од 2021 до 2024 година, при што се наведуваат низа незаконски дејствија кои нанеле сериозна финансиска штета.
„Во периодот 2022–2023 година, градоначалникот изготвил шест фалсификувани јавни исправи – четири одобренија за градење и две за реконструкција на улици“, се наведува во пријавата, и се додава: „Овие документи не биле евидентирани во официјалниот систем ‘е-Одобрение за градење’, иако тој бил должен тоа да го направи“.
Милонски злоупотреби и луксуз од буџетски средства
Со помош на овие лажни документи, биле повлечени вкупно 35,9 милиони денари од буџетот на Општина Росоман, Министерството за транспорт и врски и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
Дополнително, Стојан Николов е осомничен дека континуирано трошел јавни средства за лични цели, преку злоупотреба на репрезентација, гориво и пијалаци во годините од 2021 до 2024. Само за алкохол, млечни и сувомеснати производи, според податоците, биле потрошени стотици илјади денари.
„Надминати се дозволените износи за репрезентација, при што јавни средства се користеле за лични потреби, особено за набавка на алкохол и деликатесни производи“, стои во извештајот на Финансиската полиција.
Освен тоа, биле склучени договори без правна основа со лица кои биле веќе вработени во Општина Кавадарци, што резултирало со дополнителна штета од 242.000 денари. Вкупната директна штета на буџетот на Општина Росоман се проценува на речиси 2,9 милиони денари.
Кривична пријава за две дела
С.Н. е осомничен за две кривични дела: фалсификување исправа и злоупотреба на службена положба и овластување. Случајот е предаден на Основното јавно обвинителство во Кавадарци, кое треба да ја води постапката.