Опфатот на проектот ќе ги вклучи Кучевишка Бара, Бел Камен и критични улици

Градоначалниците на Општина Чучер Сандево и Бутел, Зоран Бајовски и Дарко Костовски, денеска формираа оперативна работна група со цел координирано решавање на заедничките проблеми на жителите. Првиот фокус ќе биде на урбаните делови Кучевишка Бара и Бел Камен, но групата планира да опфати и дополнителни критични точки.

„Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција. Ова е првпат двете општини да пристапат заеднички и координирано кон решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски“, изјави Бајовски.

Транспарентен процес и трајни решенија

Работната група ќе ги вклучи експертите, техничките служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација. Градоначалникот Бајовски потенцираше дека целта е да се обезбеди долгорочно решение кое ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини.

„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, додаде Бајовски, истакнувајќи ја важноста на координираниот и јасно дефиниран пристап.