Градска стратегија за безбеден сообраќај ќе вклучува мерки за инфраструктура, образование и контрола на сообраќајот

Градот Скопје, во согласност со програмските определби на градоначалникот Орце Георгиевски, започнува со активности за подготовка на Градска стратегија за безбеден сообраќај. Стратегијата ќе ги инкорпорира насоките од проектот „ВИЗИЈА 0“ и ќе има за цел намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот во периодот 2026–2030, со акцент на децата како најранлива категорија.

„Здравјето и животот на скопјани се врвен приоритет на оваа градска управа. Во поставување на темелната политика за безбеден сообраќај ќе ги подобриме условите на најранливите групи. Како град Скопје, ќе вложиме во политики и инфраструктурни мерки за побезбеден сообраќај. Спасувањето на животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција“, изјави претседателот на Советот на Град Скопје, проф. Даме Димитровски.

Советничките групи и невладините организации ќе се вклучат како активни чинители

Советничките групи од мнозинството, заедно со советничката од „Независни Заедно“, ја приоритизираа акцијата за безбеден сообраќај.

„Независни заедно припреми низа на предлози кои се однесуваат на сообраќајната безбедност, особено фокусирајќи се на најранливите учесници во сообраќајот, пешаците и велосипедистите. Задоволни сме што нашите барања и предлози се препознаени и се поклопуваат со предлозите од Градоначалникот, Претседателот на Советот и мнозинството на ВМРО, со што е обезбедено да се вградат во новиот буџет за 2026“, изјави советничката Јана Белчева.

Стратегијата ќе вклучува систематски активности за унапредување на инфраструктурата, образованието, контролата и истражувањето на незгодите, со цел континуирано подобрување на безбедноста во Скопје и намалување на сообраќајните инциденти.