Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави сериозни инвестиции во железничкиот и јавниот сообраќај. МЖ Транспорт веќе потпиша договор со ЕВОР за набавка на најмалку пет нови товарни локомотиви, а паралелно се преговара и со Светската банка за модернизација на возниот парк за патници.

Еден од приоритетните проекти што се реализираат е воведувањето на „Градски воз“ во Скопје, чија прва линија треба да профункционира на 1 септември. Според министерот, проектот има за цел да го намали загадувањето, да го промени начинот на живот во приградските населби и да промовира култура на користење железница.

„Ова е еден од најзначајните проекти кој го работиме иако не е голем по обем“, изјави Николоски во поткасот за „Курир“.

Првата линија ќе ја поврзува релацијата Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – Нова железничка станица Скопје. Надлежните очекуваат инфраструктурата да биде подготвена до крајот на јуни, со што ќе се овозможи старт на линијата на 1 септември.

Паралелно, во втората половина од годината ќе се објави тендер за проектирање на уште две линии:

Нова железничка станица – Бутел – Скопје Север – Ѓорче Петров;
Нова железничка станица – Автокоманда – Маџари – Илинден.

Овие две траси се очекува да бидат целосно завршени кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година. Николоски додаде и дека оваа есен Скопје ќе биде збогатено со 100 нови електрични автобуси, што значително ќе придонесе за почист воздух во главниот град.