Граѓаните на Хрватска со нов бојкот на маркетите од сабота
Платформата Хало, инспекторе објави дека од сабота започнува нов еднонеделен бојкот на трговскиот ланец КОНЗУМ како реакција на растот на цените на основните прехранбени производи. Оваа одлука е донесена врз основа на анкета спроведена на 5 февруари, во која учествуваа 144.732 гласачи.
„Со одлука на потрошувачите, првиот трговски ланец кој ќе го бојкотираме во текот на една недела, од сабота 8 февруари до петок 14 февруари, е КОНЗУМ“, стои во објавата на официјалната Facebook страница на платформата.
Резултат од анкетата
Во анкетата се забележани 211.638 гласови, од кои 31,7% се изјаснија за бојкот на КОНЗУМ, додека Плодине (29,1%) и Студенац (6,87%) се следните на листата за потенцијални идни бојкоти.
„Листата на трговски ланци што произлезе од оваа анкета ќе биде референтна за следните неделни бојкоти“, додаваат организаторите.
![(ГРАФИК) Каков ефект постигнаа Хрватите со бојкот на маркетите?](https://lider.mk/wp-content/uploads/2025/02/b30cff9a-00f3-4cc5-a6cc-25183c813440.jpg?x48507)
![(ГРАФИК) Каков ефект постигнаа Хрватите со бојкот на маркетите?](https://lider.mk/wp-content/uploads/2025/02/28e3eab7-dbe6-4e2a-a0f3-fcaf7a8ec4b8.webp?x48507)
Трет последователен петок без купување
Во Хрватска следува трет последователен петок без купување. Покрај неделниот бојкот на КОНЗУМ, граѓаните се повикани и во петок, 7 февруари, повторно да се воздржат од секакви купувања и плаќања, како дел од продолжената иницијатива против зголемувањето на цените.
„Овој петок продолжуваме со бојкот на купувањето, како и секоја претходна седмица. Ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во борбата против поскапувањата“, стои во соопштението на организаторите.
Претходните бојкоти покажаа значителен ефект
Податоците од првите два бојкота покажуваат дека акциите на потрошувачите имаат реално влијание врз трговијата.
„Според податоците на Управата за јавни приходи, на 31 јануари во однос на 17 јануари (пред бојкотот), бројот на фискални сметки во малопродажбата се намалил за 31%, додека вкупниот износ на сметките е намален за 42%“, соопштија организаторите.
Иако ефектот од вториот бојкот бил нешто помал, резултатите сè уште покажуваат значајно влијание: во споредба со 24 јануари, бројот на сметки се зголемил за 18%, а вкупниот износ на трансакции е поголем за 15%.
Технички проблеми поради огромниот одзив
Анкетите предзивикаа голем интерес. Поради огромниот број на учесници во анкетата, двапати во текот на денот дојде до прекин на серверите, што ја направи анкетата недостапна во период од повеќе од пет часа.
„Одѕивот на граѓаните беше исклучително голем, што предизвика технички проблеми, но тоа нема да нè запре“, порачаа од Хало, инспекторе.