При купување недвижности купувачите да избираат станови кои се веќе завршени, советува министерот
Граѓаните треба да бидат внимателни при купување недвижности и да избираат станови кои се веќе завршени и со важечки документи. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски предупреди дека купувањето недовршени станови може да ги доведе купувачите во ситуација да останат без стан и без вложени средства доколку инвеститорите не го завршат проектот.
„Сакам да дадам едно предвидување, мислам дека не е добро, но ред е да го кажам за да внимаваат оние што инвестираат, односно купуваат. Би ги советувал да купуваат готови, односно изградени станови кои можат да ги видат, кои се пред нив физички, со важечки имотен лист, во згради кои имаат употребна дозвола затоа што има шпекулација на пазарот и ми е страв дека таа шпекулација може во еден момент да пукне, односно да ни се случи да има инвеститори кои не можат да ги износат проектите кои ги почнале. Мислам дека е фер ова да го кажам“, изјави Николоски.
Министерот додаде дека владата нема можност да влијае на градбите, бидејќи локацијата и ДУП-от се на инвеститорот, а градежните дозволи се валидни.
„Но, доколку нема средства да го заврши објектот, може да настане проблем доколку граѓани купуваат станови кои не се изградени, кои физички не можат да ги видат“, додаде Николоски.
Раст на цени и шпекулации на пазарот
Николоски истакна дека цените на станбениот простор растат во неколку урбани центри и тоа се користи шпекулативно.
„Имено, се работи за тенденција на поскапување која се случува во неколку урбани центри во државата, како урбаното јадро на Скопје и други градови, пред се Тетово, Штип, до некаде Струмица и Охрид во оној дел кој е повеќе поврзан со туризмот. Имаме друга тенденција каде имотите обезвреднуваат во остатокот од државата што не носи продолжување на лошите трендови кои траат со децении, односно се централизира државата или функционираат неколку поголеми јадра, а остатокот е празен. Имаме внатрешна миграција која оди град-село и која оди од субурбани во урбани средини и факт е дека тоа се случува. Дали тоа се користи шпекулативно, да, се користи бидејќи пазарот го дозволува“, рече Николоски.
Министерот нагласи дека, иако не може да се очекува намалување на цените на квадрат, може да се преземат мерки како ослободување на младите од комуналии за куќи, поевтино земјиште и изградба на социјални станови за ранливите категории.
Дополнително, Собранието одлучи данокот на прв промет на станови да остане 5 проценти. „Свесно се откажуваме од дополнителен приход за колку-толку да влијаеме на намалувањето на порастот на цените“, додаде Николоски.
