Прес-конференција на потпретседателот и министерот за одбрана

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за одбрана, Владо Мисајловски, денеска одржа прес-конференција, на која ја оцени победата на неговата партија на локалните избори.

„Македонија е обоена во црвено од Кочани до Кичево, од Брвеница до Валандово. Граѓаните го направија вистинскиот избор, со освоени 54 општини и Градот Скопје. ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори“, рече Мисајловски.

Тој додаде дека владината коалиција на овие избори покажа стабилност и легитимитет, со освоени 66 од вкупно 81 општина.

„Оваа победа е голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Му благодариме на секој граѓанин што го даде својот глас за ВМРО-ДПМНЕ и за нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме, нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти“, истакна Мисајловски.

Историски резултати во Кичево и Брвеница

Мисајловски потенцира дека историската победа и обединувањето на народот во Кичево, каде падна и Фатмир Дехари од ДУИ, е благодарност до секој граѓанин, вклучително Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци и сите други кои го поддржаа Александар Јовановски.

„Обединувањето во Кичево е пример како се гради Македонија. Огромна победа имаше и во Брвеница на Јовица Илиевски, покрај сите дејствија на неговиот противкандидат. Јовица и жителите на Брвеница издвоија голема победа“, додаде Мисајловски.