Резултатите од гласањето
Граѓаните на Словенија на вчерашниот референдум го отфрлија законот за асистирана еутаназија на лица во терминална фаза на болест, што словенечкиот парламент го усвои во јули годинава, јавуваат регионалните медиуми.
Според делумните неофицијални резултати, по пребројани 95 проценти од гласачките ливчиња, против законот гласале 53,07 отсто од граѓаните со право на глас, додека 46,93 отсто го поддржале. Законот се смета за отфрлен ако мнозинството гласачи се изјаснат против него, при што најмалку една петтина од сите избирачи треба да гласаат против.
Првичните бројки покажуваат дека најмалку 339.205 гласачи морале да гласаат против, а според делумните резултати, 346.815 лица го направиле тоа. На вчерашниот референдум излегле 40,31 отсто од граѓаните со право на глас.
Содржина на законот
Словенците се изјаснуваа за Законот за асистирано доброволно завршување на животот, кој би им овозможил на терминално болни пациенти, чие страдање или медицинска состојба е неподнослива, да го завршат својот живот. Законот не ги опфаќа случаите на лица со ментални заболувања.
Официјалниот резултат ќе биде потврден по 4 декември, кога ќе биде познат конечниот број на гласачи и дали е постигнат кворум за отфрлање на законот, објавија словенечките медиуми.
Словенија во европски контекст
Меѓу европските земји, Швајцарија и Австрија дозволуваат асистирана еутаназија, додека Холандија, Белгија и Луксембург дозволуваат еутаназија. Француските пратеници, пак, ја одобрија можноста за право на асистирана еутаназија во прво читање на законот кон крајот на мај годинава.
