Граѓанскиот суд ја отфрли тужбата што ексградоначалничката на Скопје Данела Арсовска, секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров и советничката Ирена Витина ја поднесоа против новинарот и уредник на „Скопје1“, Кристијан Ландов. Судијата Кристијан Митревски ги одби тужбените барања како неосновани.
Тужбените барања одбиени како неосновани
Тројцата поднесоа тужба за утврдување одговорност поради јавно поставено прашање и пренесен став што се однесувал на работењето и функционирањето на Град Скопје. Со судската одлука, нивните барања не беа прифатени.
Ландов: Ова беше обид за замолчување на новинар
По објавувањето на пресудата, Ландов соопшти дека од судската постапка излегува „со чист образ“, посочувајќи дека судот ја отфрлил тужбата и тужбените барања како неосновани.
„Ова беше класичен обид за замолчување на новинар. Наместо одговори, добив тужба. Наместо аргументи, притисок. Судот овојпат покажа дека таквите обиди не поминуваат. Денешната одлука покажува дека институциите можат да направат јасна разлика меѓу критика и клевета“, напиша Ландов по пресудата.
Постапката траела повеќе од една година
Предметот се судел повеќе од една година, а тужбата била поднесена во период кога тужителите биле носители на јавни функции. Случајот бил следен од Здружението на новинарите на Македонија, додека Коалицијата за правично судење исто така го мониторирала предметот.
