На островот се отворени 1.166 избирачки места, од кои 16 се за гласачи кои се идентификуваат со ерменската заедница, Маронитите и латино-католиците. Секоја од овие заедници избира по еден член на Парламентот, додека Варткез Махтесјан, долгогодишен претставник на ерменската заедница на Кипар во Парламентот, се избира на неалтернативна основа.

Освен тоа, шест гласачки места се отворени за кипарските гласачи во Грција. Тие ќе работат според истиот распоред како на Кипар, односно од седум до 18 часот со пауза од 12 до 13 часот. Во Лондон ќе бидат отворени уште четири места со малку поинаков распоред за работа: од осум до 16 часот, со пауза од 12 до 12:30 часот. Со оглед на двочасовната разлика меѓу Никозија и Лондон, гласањето во Обединетото Кралство ќе прекине истовремено со гласањето на Кипар.

Околу 2.100 полицајци се ангажирани за безбедноста на изборите. Резултатите од гласањето се очекуваат да бидат објавени во вечерните часови.

Формално, има 80 места во Претставничкиот дом на Кипар, од кои 70 отсто (56 места) се предвидени за заедницата на кипарските Грци на островот, а останатите 30 проценти (24 места) за турската заедница. Сепак, претставници на турската заедница не учествуваат на изборите за Парламент на Република Кипар од 1964 година и овие 30 отсто од пратеничките места се сметаат за испразнети. Затоа, битката ќе се води за 56 места. За нив се натпреваруваат 658 кандидати, од кои 651 претставуваат 15 партии, движења или блокови на политичките сили, а останатите седум се независни кандидати. Околу една четвртина од вкупниот број кандидати (160 лица) се жени.

Моментно на Кипар има 557.589 гласачи. Експертите предвидуваат слаб одѕив на гласачите. Тие, исто така, предвидуваат победа на владејачката десноцентристичка партија Демократски собир со мала предност пред левичарската Напредна партија на работничкиот народ на Кипар.