Производната цена на електричната енергија во нашиот најголем капацитет РЕК Битола, во моментов изнесува 136 евра, додека на ниво на ЕСМ таа цена е нешто повеќе од 118 евра, за мегават-час. Сепак, не можеме само така грубо да ги гледаме податоците, туку одиме чекор понатаму и размислуваме, анализираме и се подготвуваме за тоа што следи, а тука мислам на планските активности на компанијата за наредната година – рече Зоран Коњановски, директорот на производство во ЕСМ, во интервјуто за ТВ Магазинот 360 во контекст на претстојното поднесување на понудата до Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за потребите на домаќинствата и загубите на електродистрибуција, која до крајот на месецов ЕСМ треба да ја достави за периодот јануари-јуни 2025 година“.
Еден од приоритетите и поставените предизвици на Управниот одбор за наредниот период е намалување на производната цена на АД ЕСМ. Со стручен и професионален пристап кон обврските и домаќинско работење, наредната година ќе се обидеме да ја намалиме производната цена за 35-40 проценти, а тој тренд на опаѓање, одлучни сме да продолжи и во наредните години.Со оглед дека затекнавме лоша состојба во рудниците во РЕК Битола, ќе ни биде потребно одредено време да ги стабилизираме и во согласност со рударските проекти во наредните две години да обезбедиме откривки на јаглен кои веруваме дека драстично ќе ја намалат или целосно ќе ја анулираат потребата од дополнителна набавка на лигнит, вели Коњановски.
Двата капацитети за производство на примарна енергија – јаглен Суводол и Брод Гнеотино, имаат можност да продуцираат по 5 милиони тони годишно, што е доволно за работа на трите термоблокови во РЕК Битола, но таа количина во овој момент не сме во можност да ја постигнеме. Според нашите проекции, ископот од 5 милиони тони би го реализирале во 2027 година, со што или ќе нема потреба за дополнителен увоз на овој ресурс, или ќе бидат потребни далеку помали количини за да ги оствариме производните планови за електрична енергија – изјави директорот за производство Коњановски.
Тој навести дека во тек е период на финансиска консолидација на АД ЕСМ, кој се очекува да заврши кон крајот на наредната година, по што се очекува Друштвото во целост да излезе од кризата во која беше затекната при смената на раководствата.