Во првото тримесечје од годинава, бруто домашниот производ во Грција бележи раст од седум отсто споредено со истиот период лани и зголемување за 2,3 проценти во споредба со последниот квартал од 2021 година, согласно привремените податоци од грчката служба за статистиката, јави дописничката на МИА од Атина.

Зголемувањето на БДП за седум отсто доаѓа од вкупниот потрошувачки расход од 10,5 отсто, а само потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 11,6 проценти; од зголемувањето за 12,7 отсто на приватните инвестиции; како и од извозот и увозот на стоки и услуги.

Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас, коментирајќи ги денешните податоци рече дека се „особено позитивна разврска, што значително го надминува европскиот просек и докажува дека грчката економија и покрај засилените притисоци од енергетската криза и брановите на поскапување што ги предизвикува, одржува силна динамика“.

Додаде дека за перспективите и динамиката на економијата, охрабрувачки е фактот што растот на БДП, меѓу другото, се заснова и на значителното зајакнување на инвестициите и извозот.