Засукани ракави и многу работа е пораката што ја испратија голем дел од министрите во грчката Влада, во кусите изјави при пристигнувањето во претседателската палата во центарот на Атина, каде што денеска положија свечена заклетва, јави дописничката на МИА од Атина.
Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, на премиерот Кирјакос Мицотакаис и пред поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, новиот владин состав, сите министри, алтернативни министри и заменици положија религиозна заклетва со исклучок на еден заеник- министер кој одбра граѓанска.
Во Претседателската палата, членовите на Владата пристигнаа во придружба на нивните семејства, а веднаш по завршувањето на свеченоста и по положувањето заклетва новите министри заминаа за Министерствата за преземање на функциите од нивните претходници од службената Влада.
За утре закажана е првата владина седница.
Новиот владин состав вчера го соопшти новиот портпарол на Владата, Павлос Маринакис, откако претходно Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва како нов премиер на Грција.
Министер за надворешни работи ќе биде до неодамна државниот министер Јоргос Гераптертитис, а на заменичките места поставени се Александра Пападопулу, искусна дипломатка, која меѓу другото, во минатото беше и амбасадорка на Грција во Скопје, Јоргос Коцирас, како и Костас Франкојанис кој ја задржува досегашната позиција
Претходниот шеф на дипломатијата Никос Дендиас заминува во Министерството за одбрана каде што ќе има двајца заменици.
Во Министерството за финансии и национална економија доаѓа Костис Хаѕидакис, кој претходно беше министер за труд, а претходниот министер Христос Стајкурас оди во Министерството за животна средина и енергетика.
Досегашниот алтернативен шеф на дипломатија надлежен за европски прашања Милтиадис Варвициотис ќе биде министер за поморство, а во Министерството за миграција и азил доаѓа професорот Димитрис Керидис.
Претходниот министер за дигитална политика Кирјакос Пиеракакис оди во образование на местото на Ники Керамеос која е новата министерка за внатрешни работи.
На местото на Василис Кикиљас во министерството за туризам, кој ќе биде министер за министер за климатски кризи, доаѓа Олга Кефалојани.
Паралелно се формира ново Министерство за социјална кохезија и семејство во кое и министерката и заменичката се жени, а единственото министерство во кое нема промени на министерската позиција е она за култура.
Во сите други Министерства има ротации на челните позиции и нови личности, а во Владата има и тројца државни министри.