-Засега немаме такви мерки на ум. Новите мерки се однесуваат на рамката на функционирање на јавната сфера, ако можам така да ја карактеризирам, од септември па натаму и станува збор за низа активности што се однесуваат на секој од нас, рече Иконому.
Во однос на новите мерки, владиниот портпарол рече дека намерата е да постои „рамка на мерки кои ќе бидат ефикасни, кои ќе се спроведуваат и главно што ќе можат да се контролираат за да се обезбеди нивната ефикасност“.
-За жал, значителен дел од нашите сограѓани одбиваат да придонесат во националниот напор, бидејќи одбиваат вакцинација. Причините се познати, но неприфатени од научната заедница, од мнозинството граѓани, од Владата. Општеството не може да чека и пред сè не може да остане заложник на таквите сфаќања. Одиме напред со објавување, утре попладне, и имплементација на мерки и регулативи, кои ќе обезбедат колку што е можно поцелосно функционирање на јавната сфера во приватни и јавни простори, каде што ќе се забележуваат гужви, истакна Иконому.
Паралелно, одговарајќи на новинарско прашање за колективниот имунитет, потенцираше дека сè уште не е постигнато посакуваното ниво.