Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски во текот на вчерашниот ден во Њујорк се сретна со Министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис. Средбата се одржа во канцелариите на Постојаната мисија на Грција во Обединетите нации на маргините на 79-то заседание на Генералното собрание на ОН.
Грчките медиуми внимателно ја следеа средбата, која ја коментираа без преголем жар, но со позитивни индикации за идна соработка.
За што разговарале?
На средбата се разговараше за прашања за билатерална, прекугранична и регионална соработка, а од страна на грчкиот министер за надворешни работи беше истакнато дека развојот на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, зависи од исполнувањето на обврските кои произлегуваат од правото на Заедницата и меѓународното право, вклучително и почитувањето на меѓународните договори како што е Договорот од Преспа и почитувањето на добрососедските односи.
Муцунски: Ова е чекор напред во зајакнувањето на соработката и дипломатските односи
„Денешната средба претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на заемните дипломатски односи. Во текот на конструктивната дискусија, посебно внимание посветивме на можностите за развој на трговијата, инфраструктурата и инвестициите во енергија, како клучни области каде постојат реални можности за проширување на соработката“, објави шефот на дипломатијата Муцунски на социјалните мрежи.
За Муцунски, почитувањето на меѓународното јавно право е од суштинско значење за обезбедување на иднина заснована на меѓусебно почитување, заеднички просперитет и одржлив мир. Заемната посветеност на овие принципи е основа за успешна реализација на идните взаемно корисни иницијативи и проекти.