„Историско сослужување во Фанар за Педесетница со учество на Охридскиот архиепископ“; „Заедничка литургија на Вселенскиот патријарх со Охридскиот архиепископ“;„Историско сослужување во Фанар со учество на Охридскиот архиепископ по 59 години“; „Вселенскиот патријарх до Охридскиот архиепископ: Вашиот понатамошен тек зависи исклучиво од вашето однесување“; „Покана до Вселенскиот патријарх да го посети Скопје“; „Вселенскиот до Охридскиот: Срдечно доверете ѝ се на вашата Мајка Црква“; „Охридската Архиепископија сослужуваше заедно со Вселенската патријаршија“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната заедничката литургија во Истанбул, јави дописничката на МИА од Атина.

Веста во Грција ја проследија како црковните медиуми, така и информативните портали, а главно го пренесуваат соопштението од Вселенската патријаршија под наслов „Историско сослужување во Фанар за Педесетница со учество на Охридскиот архиепископ“.

Во опширното и детално соопштение од Птријаршијата пренесени се обраќањата како на Вселенскиот патријарх, така и на Охридскиот архиепископ, но и средбата на Вартоломеј со владината делегација од Северна Македонија, по завршувањето на литургијата.

Грчката телевизија „Скај“, преку нејзиниот дописник од Истанбул објави дека вчерашната заедничка литургија траеше пет часа, а присуствуваа, меѓу другото и премиерот Димитар Ковачевски, министри од Владата.

-Во Фанар се случи историски настан, бидејќи по 59 години Охридската архиепископија се враќа во Вселенската патријаршија, објави „Скај“ на нејзиниот официјален сајт.

Порталот „Ортодоксија – новинска агенција за црковни вести“, коментира дека вчерашната заедничка литургија стави крај на 55 годишната шизма.

-Јасна порака до Архиепископот Охридски господин Стефан дека отсега нивниот тек во сеправославниот свет зависи исклучиво од нивното сопствено однесување и нивниот избор испрати Вселенскиот патријарх Вартоломеј при завршувањето на историското сослужување што се одржа во патријаршиската црква Свети Георгиј во Фанар, што во пракса го запечати возобновувањето на литургијата и враќањето во канонско заедништво на црквата која 55 години беше карактеризирана како шизматичка , пишува порталот.

Црковниот портал „Еклисија онлајн“ се осврнува на поканата до Вселенскиот патријарх Вартоломеј да го посети Скопје, упатена како од премиерот, така и од Охридскиот архиепископ“.

-Во некој момент ќе имам радост и благослов да остварам таква посета, одговори Неговата Светост, објаснувајќи ги причините поради кои се уште не ја посетил земјата, пишува порталот.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека „Вселенскиот патријарх вчерашниот ден го карактеризираше како ден на почеток во кој Охридската црква официјално го зазема своето место во Светото црковно тело“.