Убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Христијан Мицкоски во првиот круг од локалните избори зазема централно место во известувањето на грчките медиуми за гласањето спроведено во Македонија во неделата, врз основа на информациите од онлајн изданијата на грчките медиуми, пренесе НОВА МАКЕДОНИЈА.

„Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори“; „Нов тежок пораз за партијата на Заев на локалните избори – Убедлива победа за ВМРО-ДПМНЕ“; „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори“; „Широка победа на партијата на Мицкоски во првиот круг од локалните избори“, се дел од насловите во грчките медиуми.

Во известувањето се пренесени податоците од Државната изборна комисија, со коментар дека „ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи во низа големи општини во земјата“, а пренесен е и ставот на лидерот на партијата Мицкоски изразен на прес-конференција, во кој беше истакнато дека станува збор за триумф со победа во над 30 општини.

– Ова е триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока, избра вредности, избра луѓе што веруваат во работа, а не во зборови – пренесена е пораката на премиерот Мицкоски во известувањето на АНА-МПА.

Државната агенција се осврнува и на слабите резултати и поразот на СДСМ, а како пример ја споменува Струмица, каде што потсетува дека поранешниот премиер Зоран Заев беше 11 години градоначалник.

– Опозициската Социјалдемократска партија (СДСМ), предводена од Венко Филипче, претрпе уште еден тежок пораз, по поразот на парламентарните избори во мај 2024 година и губењето на власта во земјата. Индикативно за слабеењето на СДСМ е губењето на нејзиното традиционално упориште, Струмица – родното место на поранешниот премиер на С. Македонија Зоран Заев и општината каде што тој беше градоначалник 11 години (2005-2016). Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ таму убедливо победи и беше избиран во првиот круг – наведува АНА-МПА.

Во однос на албанскиот блок, грчката новинска агенција забележува дека Влен е во подем, а ДУИ претрпе загуби и детално ги анализира резултатите во околу 15 од 81 општина каде што мнозинството се Албанци.

АНА-МПА истакнува и дека во Скопје ниту еден од вкупно 16 кандидати за градоначалници не беше избран во првиот круг, но „кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, води со голема разлика и се смета за речиси сигурно дека ќе биде избран за нов градоначалник на главниот град во вториот круг“.

Извор: Курир