Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини по железничката несреќа, во која загинаа 57 луѓе.

„Како премиер им должам на сите, но пред сѐ на роднините на жртвите едно големо извинување. И лично и во името на сите кои со години владееја со државата. Бидејќи, навистина, во Грција во 2023 година не може два воза да се движат во спротивни насоки по иста линија и никој да не го забележи тоа“, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Тој вели дека не сакаат и не треба да се скријат зад човечка грешка. Грчкиот премиер вели дека правосудните органи ќе ја истражат трагедијата, а надлежниот министер ќе соопшти мерки „за итно подобрување на безбедноста на железницата додека да биде ставен во функција системот за дигитална контрола.

За по изборите, кои треба да се одржат во мај, тој ќе предложи да се формира специјална комисија, која ќе ја истражи, како што реле, „болната историја на грчките железници во последните дваесет години“.

Во железничката несреќа што во вторникот вечерта се случи кај месноста Темпи во близина на Лариса, животот го загубија 57 луѓе.