Апсолутно ништо и на било кој начин не може да им наштети на нашите суверени права и нашиот национален суверенитет, вели портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, коментирајќи ги последните изјави од турското раководството и паралелно ја повика Турција „да престане со тактиката на провокации”, јави дописничката на МИА од Атина.
Иконому вели дека тврдењата што не се засновани на историски податоци „не можат ниту да го оспорат, ниту пак да го заменат меѓународното право и меѓународните договори“ и ништо не може да им наштети на грчките суверени права и суверенитет.
-Затоа ја повикуваме Турција да престане со тактиката на провокации и да сфати дека единствениот начин е мирна и искрена комуникација, во контекст на меѓународното право и со целосно почитување на суверенитетот, рече Иконому.
Коментарот на портпаролот на грчката Влада доаѓа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика Грција да престане да ги вооружува островите во Егејското Море и да ги следи меѓународните договори.