Спречување железнички несреќи; организација и надзор на железничкиот транспорт во однос на безбедноста; обука на вработените; организација на контролните центри; организација на комисии и воспоставување процедури за истрага на железничка несреќа, се дел од главните точки на грчко-францускиот договор за соработка за пренос на техничко знаење во железничкиот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.
Со цел да се подобри железничкиот сообраќај во Грција, но и да се зголеми безбедноста, особено по трагедијата кај Темпи пред два месеци во која животот го загубија 57 лица, министрите за транспорт на Грција и Франција Јоргос Герапетритис и Клемент Боун денеска го потпишаа билатералниот договор за пренос на техничко знаење.
Грчкиот министер рече дека е важно да се применат добри меѓународни практики со трансфер на знаење, но и со човечки ресурси.
– Во овој контекст, француското Министерство за транспорт со своето искуство и француската железница со својот висок меѓународен престиж и експертиза се наши драгоцени помагачи, истакна Герапетритис.