Најмалку две грчки државни компании имаат намера да аплицираат на огласот за универзален снабдувач со електрична енергија, дознава Радио Лидер од владини извори.
Како што дознаваме, една од компаниите е ЕДС, која грчкото електростопанство во 2018 ја откупи за 4,8 милиони од поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, кој сега се наоѓа на црната листа на САД поради корупција.
Сепак, според нашите извори, скоро е невозможно оваа компанија да ги снабдува македонските домаќинства со струја, затоа што истата лани годината ја завршила со загуба а еден од условите од владата е фирмата да има остварено добивка.
Според неофицијалните информации кои ги имаме до овој момент, намера да стане краен снабдувач има уште една државна грчка компанија, која сака да аплицира во партнерство со една веќе етаблирана компанија од Грција, која подолго време оперира во земјава, во нафтената индустрија.
Грчка енергетска окупација, како дел од Преспанскиот договор?
Продажбата на ЕДС на Грците, своевремено предизвика огромно скандализирање во македонската јавност, ако се знае дека оваа компанија која беше во сопственост на висок функционер, се продаде непосредно по Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција и промената на името.
Сепак, ЕДС беше приватна компанија па наративот беше дека преку таа продажба, преку Кочо Анѓушев им се исплаќа „благодарност” на македонските политичари.
Од денешен аспект, оваа продажба добива сосем ново светло, ако се знае дека во последниот период почна енергетска инвазија од страна на Грција преку проектот Чебрен.
Со договорот кој требаше да се потпише до 15-ти месецов, но потпишувањето со одложи од засега неразјаснети причини, освен што ќе ја гради и во доминантен процесот ќе ја поседува централата Чебрен, грчката државна фирма во наредните 60 години ќе стопанисува и со ХЕЦ Тиквеш. Во исто време, ова значи дека грчката државна компанија ќе ги контролира и македонските реки Вардар и Црна.
Геостратешки, проектот Чебрен ја прави Грција еден од најсилните играчи во енергетскиот сектор во земјата, по што, очекувано се отвора сомнежот дали Грција ќе го преземе снабдувањето на струја на нашите домови? Фактот дека две грчки државни компании веќе пријавиле таков интерес, дополнително го засилува овој сомнеж.
Во исто време, владата говореше дека процент од МЕПСО ќе се продава на Грција.
Без да се навлегува во теории на заговор, се поставува прашањето: Дали грчката доминација со енергетскиот сектор во земјава е скриен дел од Преспанскиот договор?
Ова беше тема и на една од емисиите на Радио Лидер, каде со професорот Атанаско Тунески, се анализираше таквата можност.
Австријци или Грци?
Во моментов македонските домаќинства и мали фирми со струја ги снабдува австриската ЕВН, која ја поседува и дистрибутивната мрежа во земјава но и системот за билинг, односно броилата преку кои се мери колку струја сте потрошиле.
Огласот е отворен до 12-ти јануари, до кога сите заинтересирани ќе аплицираат, за потоа владата да одлучува кој ќе биде крајниот снабдувач за струја и дали и понатаму ЕВН ќе не снабдува со електрична енергија во нашите домови.
Доколку се смени крајниот снабдувач, тоа ќе значи дополнително комплицирање на работите кое на крајот ќе се удри по џебот на граѓаните, затоа што ќе се отворат низа на конфузии па ќе добиваме и по две сметки, една за дистрибуција, друга за снабдување или пак една со повеќе комплицирани ставки.
Во секој случај, очекувано е дека ЕВН ќе има најповолна понуда ако се знае дека тие ги поседуваат мрежата и броилата, но којзнае – можеби нашата влада одлучила дека со струја треба да не снабдуваат Грци, а не Австријци. Вие, кому верувате повеќе?