Во петок, во Грција се отвора платформата за вакцинација со трета доза на целото полнолетно население, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Парламентот ги повика и охрабри вакцинираните, доколку поминале шест месеци од втората, да примат и трета доза.

-Секако, многу е полесно да ги убедиме некои од нашите сограѓани кои веќе се вакцинирани да примат и бустер дозата, отколку да ги убедиме оние кои, за жал, сè уште вакцината ја гледаат со голем скептицизам, резервираност или во многу случаи дури и со апсолутно одбивање, рече грчкиот премиер, коментирајќи ги мерките што вчера беа соопштени, а се однесуваат на невакцинираните, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис, исто така, нагасли дека од моментот кога на располагање ја има вакцината, економијата и општеството нема повторно да се затворат, а вакцинираните сограѓани нема да ги загубат правата што ги стекнаа, следејќи ги упатствата на научниците и државата.