Преку специјална официјална апликација на грчката Влада, личните карти и возачките дозволи, од денеска за Грците ќе бидат достапни и во дигитална форма на нивните мобилни телефони, јави дописничката на МИА од Атина.
Дигиталната лична карта и дигиталната возачка дозвола се достапни преку апликацијата Gov.gr Wallet, која попладнево беше презентирани од надлежните министри во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Проверката на документите ќе се врши преку скенирање на специјалниот QR код, по што се појавува шест цифрен код кој граѓанинот му го покажува на контролорот, а тој го внесува во неговиот уред, по што се појавува и документот.
Дигиталните документи се подеднакво законски како и регуларните за секаква законска употреба, а според министерот за дигитална политика на Грција Кирјакос Пиеракакис, со дигиталните лични карти и возачки дозволи кои се лесни за користење, граѓаните добиваат безбедност и брзина.
Апликацијата е слична со онаа што грчката Влада ја воведе за зачувување и проверка на дигиталните Ковид сертификати.